header image
 

Последната снимка

Облече светло сива памучна блуза која ја извлече од плакарот во ходникот. Го затвори портокаловото крило и чув еден клик, звук кој толку добро го познавав. Секоја вратничка на плакарот има свој специфичен и единствен звук,  кој дури и во сон можам да го препознаам. Знам кој извлечува чевли од втората полица, кој претура по пешкирите и крпите пред туширање, а кој се обидува да најде телефонски број во тефтерот препишуван десетици пати.

Ја извлече белата капа која пред една година му ја купив од Нови Сад. Неговата гола глава, попрскана со старечки пеги и по некоја флека од сонцето конечно ја покри нова и светла ткаенина која ги одбива сончевите зраци. Некаде длабоко во душата се насмевнав.

Влезе во мојата соба, не повеќе од еден чекор низ вратата. Како и секогаш до некоја невидлива граница која не му дава да оди понатаму, веројатно од почит кон мојот личен простор. Го погледнав, во новата рува… долго време не ми се видел така млад. Не можев да сфатам дали е поради недостатокот на црнина или навистина се подмладил. Ја подаде раката кон мене и ми даде томографска снимка од нечија глава. Процеди низ забите „Ова можеш да го фрлиш.“ Не разменивме повеќе зборови. Излезе, а јас седнав во зелената фотеља. Во левата рака висеше снимката. Знаев чива е и не се осудував да ја погледнам.

Како низ магливо стакло гледав во црните острови на белата основа. Различни пресеци и делови од мозокот. Се обидував да видам нешто, да пронајдам причина, но изгледа сум слепа за човечката несовршеност. На аглите од речиси сите дванаесет мали пресеци стоеше нејзиното име. Презимето како и секогаш згрешено. Датум и време. Нешто пред полноќ во месецот мај. Во мислите ми се врати сликата од жолтите врати на болницата и празните темни ходници. Миризбата на варикина и болест. Болничарот кој како низ сон поминуваше околу нас. Неговиот дрзок однос. Мојата немоќ. Рацете го фатија белиот чаршав, кој се уште мирисаше на домашниот омекнувач, за ќошовите. Погледите ни се сретнаа. Нејзиниот исплашен и изгубен, како на мала, тукушто родена срна. Мојот, полн со очај. Како оној ден кога јас лежев на ваков сличен томограф, како сите оние денови кога без мака седеше покрај мене на физикалната терапија, како сите студени утра кога ме покриваше да не настинам, како секоја вечер во кујната кога ме чекаше да си дојдам дома, како секој ден додека ме гледаше како уживам во нејзиниот ручек.

Не можев да решам дали е позитивно тоа што конечно реши да ја соблече црната одора. После речиси петнаесет месеци, во кои помалку се насмевнуваше, без солзи, со малку зборови за покојниот… никогаш нема да можам да кажам што има зад тие зеленикави очи. Љубов. Тага. Загуба. Страв. Болка. Веројатно се. Тој ја загуби својата животна сопатничка.

Ја ставив томографската снимка под моите дипломи, документи, апсолвенското табло. Немам намера никогаш да ја фрлам. Дури и на тие прости а толку длабочински, ренгенски снимки профилот е истиот. Профил на жената која ме израсна и која ме сакаше со целата душа.

Ми се чини како да и’ го заборавам гласот, но се’ уште и’ го паметам допирот.

На театарот, со сила

Мојот театарски татко милуваше да каже „Аrs longa vita brevis“. Во слободен превод ова значи „Уметноста е долга (голема), животот е краток(мал)“. Денеска дојдов до заклучок дека иако животот на човекот е краток, сосема е доволен во тој ист животен век целосно да ја сјебе „големата“ уметност, па дури и само за време на еден до два директорски мандати.

Дневните весници на метрополата утрово самнаа со веста за изборот на Дејан Лилиќ за директор на МНТ. Само колку за објаснување МНТ е еден од двата (единствени, без театрите на националностите) професионални театри во Скопје, а Дејан Лилиќ и е на публиката многу добро позната „тренди“ актерска фаца. Само колку за освежување на помнењето, тој е истиот оној Лилиќ кој е верен привезок на секоја предизборна кампања на нашата сега позициска окупатоска опција. Истиот оној Лилиќ кому матична театрска куќа му е Драмскиот театар во Скопје. Да бидеме на чисто, во овој текст нема да се осврнам на актерските остварувања на поединци, бидејќи за вкусовите не се дискутира, а како што ми изгледа директорски мандат и не се добива за тоа колку некој е добар/лош актер. Веројатно ги бираат според тоа какви менаџерски способности имаат. Ха… ова е дефинитивно најдобра шега која сум ја чула во последно време.

BLO099902008

Нивните менаџерските способности се еднакви со оние на некој кој завршил литература, значи еднакви на нула. Не велам дека се за потценување претставниците на актерската фела, сепак се тие и театарот се огледало на општеството и случувањата во истото, но ако ова е огледалото во кое треба да се огледа нашето скромно друштво, тогаш сликата драги мои е за машала дисторзирана.

Прво и мошне важно, со години коментирам за концептот на менаџирање со театрите. Никако не можам да сфатам како некој кој нема ниту еден единствен ден школо за економија и менаџмент може „успешно“ да раководи со институција-буџетар, освен ако тој не е поставен про-форма и по партиска директива. Нормално е дека тој „некој“ ќе знае колку претстави има театарот сезонава, како да се соочи со меѓучовечките проблеми во театарот (без тие да ескалираат со истурење на мозокот во холот на театарот) и каде точно протекува покривот… и сето тоа поради искуството и времето поминато на штиците кои живот значат. Но, како тој истиот успева да напише „програма во 100 чекори“ со која ќе конкурира за директорското место. Како тој истиот знае што се капитални расходи, директни и индиректни трошоци, како се спроведува јавна набавка и како се избира најдобар понудувач. Еве како… тој нема да знае!

Вториот театар е Драмски. Пред две недели за овој наш „реномиран“ културен дом беше направен реизбор и на Бранко Ѓорчев му беше доверен директорски мандат по втор пат. Колку за потсетување драги мои, тој е оној ист тип кој само два дена пред реизборот, на 23 октомври на седницата во спомен на основањето на Внатрешно македонската револуционерна организација, ја читаше тирадата пред врвот на нашата сегашна позициска ВМРО. Па барем да беа малку подискретни и да почекаа овој и онака заборавен народ, да падне во еднонеделен заборав. Драмскиот театар со години нема вработено нови кадри, а оние вработените доколку немаат поддршка од „позади“ ќе бидат исплатени со минималец. Политиката која ја тера е продавање на промотивни карти со кои наводно сте се офајциле, ако седнете на некое од подобрите столчиња во салата тоа ќе биде премија, доколку можете да ги чуете актерите кои поради лошото озвучување мора да се довикуваат веќе сте навистина среќна публика. Така професионалниот театар е во загрозена позиција покрај низата аматерски и алтернативни театри и проекти кои во последно време реално земено се мошне поуспешни и попосетени. Нивниот мал обем на работа и добрата промоција, како и партиската неутралност ги прави атрактивни за слојот млада публика на кој му е преку глава да гледа политички цензорирани претстави, бајати сценарија и да смрзнува во полупразната сала на пропаднатите столчиња.

На крајот, најголема трагедија е што никој од оние кои земаат минималец, оние кои работат по цели ноќи и шитај костими и оние кои ги споведуваат сите погрешни менаџерски одлуки на партиските директорчиња нема да се побунат. Актерите и понатаму ќе останат да го газат животот на театарските штици, ќе продолжат да мечтаат за подобри времиња кои не потсетуваат на орвеловата 1984, ќе живеат во сивилото на метаморфозите на Кафка и ќе се будат секој утро длабоко по-бедни од вчера. Ако е така, тогаш нека Талија и Мелпомена ни бидат навистина наклонети.

Сопрен часовник

Часовникот над синото биро повторно сопре. Не ги отчукува бесконечно секундите во утрата кои самнуваат над мојата глава. Како џелат кој зел одмор без најава, па и покрај неговото отсуство осуденикот постојано трепери на помислата.

Почнуваат оние сиви, најсиви денови… зимски, долги… студени и стари. Неуспех по четврти пат и единствената работа која ја научив после шест месеци интензивно подготвување за испитот е дека не го ни разбирам неуспехот. Концепт кој не го сфаќам и не го профаќам и единствено што можам да прашам е „добро… што треба да направам?“ Го мразам чувството на детска беспомошност кое ме обзема. Како онаа пролетна вечер во темната улица на болницата кога сфатив колку ништо не вреди нашиот живот и колку нашите души речиси никогаш не наоѓаат потпора. Никој не ме држеше денеска за рака, исто како и онаа вечер додека липав како мало дете кое останало без чоколадно глувче од Жито Лукс. Воздух со мирис на штотуку расцветано дрво се вовлекуваше во моите бели дробови и посакав да не сум сама. Никогаш повеќе да не сум сама.

Има една строфа од еден преубав препев на еден човек кој вели „…само ти си ми во мислите кога е празна душава“. Се потсетив на оној тмурен, врнежлив ден покрај вештачкото езеро. Никогаш не мислев дека тоа ќе ни биде последен пат да се видиме. Чудно, но сите мои спомени со тебе се поврзани со дожд, магла и влажни улици. И она поминување покрај твојата зграда додека таа ги изговори зборовите кои и денеска не можам да ги репродуцирам. Иако не знаев никогаш каков си и можеби не те познавав навистина, оправдано, детски се движев под дрворедите и солзи се слеваа по моето лице. Со години потоа се прашував како можеше да ми го направиш тоа, како можеше да ме оставиш сама, едноставно како можеше… Се прашував колкумина дошле да те поздрават на последниот ден. Јас и сега не би знаела каде да го барам твоето почивалиште во полето заборавени.

Додека девојчето со црни очила и надградени нокти ја наместуваше косата, го гледав татко и кој во бела кошула и ленени пантолони зборува на телефон. Знаев дека таа ќе положи уште тогаш. Сигурно не се излажав. Денеска повторно те преколнував што ме остави. Ќе те прифатев каков и да беше, со сите оние маани кои за тебе сум ги чула од другите, со сите доблести ако воопшто си ги имал… само да не морав некои работи да ги правам сама и да се прашувам зошто те нема покрај мене да ме научиш се она што треба да го научи ќерката од својот татко.

Ми остана денов… сув и неуспешен. Посакав да не ме оставеше. Посакав никој од вас да не ме оставеше така набрзина и без збогум.

Во вителот

Не се ни прашувам зошто во нашево пишпирик општество, корумпирано, нечовечно и нехумано, нема начин да се донира телото после смртта за медицински цели и хируршки потреби. Единствено нешто што ме чуди е зошто се уште никој не се нафатил илегално да сецира и дистрибуира делови од човечко тело и на тој начин да заработува за најновиот модел на BMW и да летува на Бахами. Можеби за многумина кои некогаш ќе налетаат на овој текст, а кои се со изопачен ум и нималку совест ова ќе биде грамот добра идеја. Без разлика на тоа решив да продискутирам на темава.

Зошто во Македонија нема организација на која би можело да и се доверат посмртните остански на некогашното човечко битие? И колку сме ние спремни да го донираме нашиот „најскапоцен“ дар кој и онака не ни е потребен за местото на кое верувам дека продолжуваме по смртта? Веќе подолго време размислувам и сакам да го донирам моето тело после смртта, но немам каде.

Иако можеби звучи чудно, нашето тело по смртта станува непроценлив извор на материјал кој може да се искористи за повеќе цели. Може да биде cadaver на кој пресните студенти по медицина ќе вежбаат. Сум чула дека со години на часовите по анатомија се користат со црни, испосечкани, речиси распаднати трупови на неидентификувани жртви од скопскиот земјотрес. Дополнително деловите од вашето тело можат да се користат во козметички и хируршки зафати. Најкористени се коските од нозете кои се пресадуваат кај други луѓе; кожата од грбот, абдоменот и други делови од телото како најделотворен начин на справување со изгореници се користат кај жртви кои имаат оштетеност на кожата и до 80%; вените од нозете кои се користат во кархиохируршки премостувања, залистоците од срцето кои за некого би значеле живот, ахиловите тетиви и лигаментите од коленото. За разлика од класичната транспантацијата на органи која мора да се изврши непосредно по настанувањето на смртта, а не подоцна од неколку часа и за која се бива на листа на чекање со години, отстранувањето на корисните делови од мртвото тело може да се направи и по 12 часа. Воедно добро сочуваните и процесирани органи кои ги донирате можат со месеци да се чуваат во соодветни услови и да се употребат кога ќе се има потреба. За сите нив се плаќа сериозна сума, па така вашето тело вреди околу 250.000 американски долари.  Парите нормално не ги добивате вие, туку организацијата која ги презервирала и ги чува за пациенти кои имаат доволно шушки да си го дозволат тоа.

Во секој случај, доколку не сте носител на некоја заразна болест од типот на ХИВ, хепатит и слични вирусни болести или пак сте починале од рак, вашето тело е сосема поволно за понатамошна употреба. По се изгледа дека и оние кои веруваат дека нивниот живот не е вреден, особено оние кои сметаат дека ништо важно не постигнале за време на својот престој на оваа наша, зелена планета, би можеле да се утешат со фактот дека нивното тело може да помогне и е од големо значење.

Нејсе, во Македонија се респектираат само новите, добро климатизирани и со мермер поплочени приватни болници, во кои нема гужва, нема чекање, но затоа ќе ви ја „одерат кожата од грбот“ и ништо нема да ви остане за донирање откако ќе умрете. Сите тие ќе ве тешат дека се чувствувате одлично, а богами и изгледате задоволително за годините кои ги имате. Никој нема да се зачуди што имате прерано дијагностициран дијабетес тип 1, ниту ќе го искоментира вашиот блед изглед,  ниту ќе ве посоветува околу тоа како да ги смирите полноќните тахикардии кои ве држат буден по цели ноќи, но затоа ќе побара 50 евра за лекарски консултации и ехо, потоа уште 50 евра за деноноќно мониторирање на срцето и уште една консултација со средовечниот тип кој живее во куќа на Водно и има 25 годишна девојка.

Додека седевме во полузатемнетата просторија… јас, докторката со неуредна коса, сестрата која кокетираше, кардиологот кој подзинато ги гледаше сестрините црвело налакирани нокти во воздухот трепереше тензија. Не беше тоа тензија од ехограмот во кој збунето гледав и се обудував да ги лоцирам залистоците, коморите и предкоморите на дедовото срце, туку студена, прецизно климатизирана тензија на мермерниот под. Беспрекорно чистиот медицински прибор, услугата која тој не верува дека може да си ја дозволи со просечна пензија на електротехничар во МРТ, неговото шепотење во кое низ шега ми кажа дека одењето на доктор е како да си паднал во вител, сексуалната тензија меѓу сестрата и кардиологот, мојата растреперена душа додека гледав како лежи таму и ми се враќаа мисли во кои го преколнував да не помислува да ми направи такво нешто и солзите во темнината кои се сронија по моето лице. Не сум спремна за повторно губење на некој кој го сакам си повторував во себе.

Решив да го донирам своето тело. Немам каде, немам ниту кому, ниту пак зошто. Само сакам да се ослободам од него. Да оставам тоа да стане проблем на оние нафатирани приватни болници, ладилници со беспрекорни канали во кои се слева мртвата крв, маси за сецирање на кои повеќе нема душа.